И покрај лошите временски услови кои беа проследени со силни врнежи од снег, планираната акција за чистење и засадување на дрвца во близина на населеното место Бадар сепак се спроведе. Од смет се чистеше речното крајбрежје на реката Пчиња како и околината на десетиците езерца кои се во непосредна близина на Бадар. Снежната покривка на одредени места го имаше покриено сметот, но и покрај се денес акцијата можеше да се оцени како успешна, бидејки се собраа околу триесетина вреќи смет кои со товарни возила беа однесени на депонија.
![](https://petrovec.gov.mk/wp-content/uploads/2021/03/163282458_2966169443652926_314155599988085539_o-1024x577.jpg)
На оваа акција организирана пред се од еколошкото друштво „Бадаријана“ учество земаа и градоначалникот на Општина Петровец – Борче Митевски и дел од општинската администрација, Пратеничката во Собранието на Република – Македонија Марија Петрушевска, ЈКП Петровец, директорката на ООУ Кочо Рацин од Петровец – Виолета Јаневска, активисти за чиста животна средина и жители од населеното место Бадар. Воедно се засадија и зимзелени дрвца се со една цел, околината на населеното место Бадар да стане пријатно место за престој и живеење, опкружено со зеленило, дрвја и чиста природа.