Утрово, по повод православниот христијански празник Бадник, околу 70-тина коледарчиња присуствуваа на денешната литургија во црквата Св. Ѓорѓија во Петровец. По причестувањето, свештеното лице им подели коледарски подароци на сите дечиња. Бадниковата поворка во пресрет на празникот Божиќ со коледарска песна ,,Вечниот Бог” од црквата Св. Ѓорѓија се упатија кон Општинската зграда каде со топла насмевка беа пречекани од градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски.
Тој дечињата од поворката ги прими во својот кабинет и се обрати пред присутните дечиња и родители, им посака многу здравје, среќа и безгрижно детство. Потоа на сите дечиња им подели коледарчиња од каде заедно со нив пеш се упатија кон црквата Св. Троица во Ржаничино. Попатно, кон поворката се приклучија уште дечиња кои непрекинато ја пееја коледарската песна „Вечниот Бог“ најавувајќи ја убавата вест за Христовото раѓање. Во поворката учествуваше и претседателот на Советот на општина Петровец Блаже Никчевски, како и претставници од општинската администрација, ЈКП Петровец, од ООУ „Кочо Рацин“ Петровец и голем број на родители. Градоначалникот Митевски изрази надеж дека ваквото одбележување на големиот христијански празник Бадник и Божиќ ќе прерасне во една убава традиција која ќе се негува и во годините кои следат.