Годинешната манифестација под маски „Денот на Шегата“ која се одржува на 1-ви Април, се одржа денес во сите училишта на територијата на Општина Петровец. На забавата под маски денес учествуваа децата од сите училишта и дечињата од градинката Авионче од Петровец. Дефилето од маскирани дечиња предизвика интерес и кај многумина од граѓаните, кои со насмевки присуствуваа за да ги погледнат и да поуживаат во маските на најмладите.
Децата со радост ги носеа маските од своите омилените суперхерои. Градоначалникот Борче Митевски традиционално на овој ден, на сите учесници на априлијадата како и за останатите дечиња кои ја следат манифестацијата, им подели чоколади како знак на едно мало внимание по повод Денот на Шегата. Покрај градоначалникот Митевски, на оваа манифестација присуствуваа и директорката на ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец – Виолета Јаневска, дел од Советниците од Советот на Општина Петровец, дел од вработените од општинската администрација како и наставниците и воспитувачите кои учествуваа во организацијата на оваа манифестација. 1-ви Април – Денот на шегата, е прекрасна можност за децата сами да направат маска, да бидат суперхерои кои се скриени длабоко во секој од нив. Ова е можност децата својата фантазија за поубав и побезбеден свет, кои го градат заедно со своите родители да ја преточат во реалност, замислувајќи се како суперхерои.