Вести|

Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, денеска потпиша Декларација за безбедност во сообраќајот на патиштата на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, одржана во хотел „Александар Палас“. Настанот претставува значаен чекор во заедничките напори за побезбедни улици и намалување на бројот на жртви во сообраќајот.

На конференцијата обраќања имаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за транспорт Александар Николовски, при што беа истакнати сериозните статистички показатели за сообраќајната безбедност. Податоците укажуваат дека младите се најчести жртви на сообраќајни незгоди, а во изминатата година во државата се регистрирани околу 78 жртви на милион жители, наспроти европскиот просек од 40, додека во скандинавските земји тој изнесува околу 20 жртви на милион жители.

Со потпишувањето на Декларацијата, градоначалниците се обврзаа на преземање конкретни чекори за унапредување на сообраќајната безбедност, со јасна цел — намалување на бројот на жртви од сообраќајни несреќи. Основниот принцип е дека ниту еден човечки живот или сериозна повреда во сообраќајот на патиштата не е прифатлива.

Општина Петровец се приклучува кон европската стратегија „Safe System“, која има за цел до 2030 година да се преполови бројот на жртви во сообраќајот, а до 2050 година да се достигне нулта број на жртви, преку системски, одржлив и координиран пристап.

Comments are closed.

Close Search Window